Инвестициска стратегија

Инвестициската стратегија е основниот документ кој ја одредува политиката на вложувањето на средствата на Отворениот доброволен пензиски фонд Сава пензија плус со кој управува Сава пензиско друштво а.д. Скопје.

Мисијата на Друштвото во поглед на управувањето со средствата на фондот е насочена кон остварување соодветен долгорочен принос на средствата на фондот имајќи ја пред сè предвид суштинската улога на доброволното капитално финансирано пензиско осигурување, стапката на пораст на трошоците на живот и останатите основни системски параметри на пензиското осигурување.

За остварување на мисијата на долг рок, Друштвото определува планирана годишна стапка на номинален принос од 4%. Со оглед на проектираното ниво на годишна инфлација во дефинираниот временски хоризонт од 2,30%, планираната годишна стапка на реален принос изнесува 1,66%. Планираниот номинален и реален принос се базираат на одредени претпоставки и очекувања чија валидност се преиспитува еднаш годишно, и истите можат да се менуваат во функција на остварување на мисијата на долг рок.

Толеранција кон ризик

Толеранцијата кон ризик е дефинирана од можноста за преземање на инвестициски ризик кој ја зголемува веројатноста од негативен принос во одредени периоди без притоа да се загрози остварувањето на примарната цел. Подеднакво, толеранцијата кон ризик е дефинирана и од односот или желбата/подготвеноста на членовите и пензионираните членови за преземање на инвестициски ризик. Преземањето инвестициски ризик зависи од процентот на средства од фондот алоцирани во инструменти со варијабилен принос.

Сава пензија плус има просечна/средна толеранција кон ризик.

Потреба за ликвидност

Потребaта за ликвидност е дефинирана од обврските на фондот кон своите членови. Средствата на фондот треба да содржат адекватно ниво на ликвидни средства за исплата на пензии на членовите. Со оглед на структурата на членството на Сава пензија плус во моментот, фондот има потреба од одржување на ликвидни средства за исплата на пензии на своите членови.

Временски хоризонт

Инвестициите на фондот треба да ја остварат целта, во одреден временски хоризонт кој соодветствува на временскиот период до остварување на право на пензија на член со просечна возраст кој е или ќе биде вклучен во фондот. Просечна возраст на членовите во ОДПФ Сава пензија плус во моментот на креирање на оваа инвестициона стратегија е 44 години. Периодот до остварување на право на пензиски надоместок, односно инвестицискиот хоризонт е над 8 години. Средствата на фондот се инвестираат во согласност со утврдениот временски хоризонт и правата на средствата пред пензионирање.

Даночни импликации

Фондот е ослободен од данок на добивка од инвестициите на средствата во Република Северна Македонија. Приносот од инвестициите во странски интрументи, во зависност од даночната регулатива каде тие се инвестираат, подлежат на данок. Друштвото при инвестирањето ги има предвид даночните импликации врз приносот на инвестициите. Друштвото, во сите случаи каде што за тоа постојат услови согласно билатералните договори на Република Северна Македонија за одбегнување на двoјното оданочување, бара враќање на платениот данок на добивка.

Регулаторни аспекти

Инвестициите на фондот се регулирани со Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување и подзаконските акти кои произлегуваат од тој Закон.