15.03.2018

Сава Ре дд Љубљана е нов сопственик на НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје

Почитувани,

Со  блок трансакцијата која се изврши на 13.03.2018 година заврши процесот на пренос на сопственоста на акциите на Акционерското друштво за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови НЛБ Нов пензиски фонд Скопје. Купувач на 100% од сопственоста на акциите на Пензиското друштво е Сава Ре дд. Љубљана, Словенија, компанија со четириесет годишно искуство во осигурителната и реосигурителната индустрија која поседува седум друштва за осигурување и пензиско друштво, што ја прави една од поголемите групации во осигурителниот сектор во Југоисточна Европа.

За членството на фондовите со кои управува Друштвото, најважна информација е дека промената во сопственоста на акционерскиот капитал на Друштвото, не значи промена во сопственоста на фондовите. Фондовите беа и се сопственост на членовите и се целосно одделени од имотот на Друштвото. 

Продажбата на Пензиското друштво е високо регулиран процес. Трансакцијата е склучена по добиената претходна согласност за пренос на акции, од страна на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС). Сава Ре ги исполни строгите критериуми пропишани со законската регулатива. 

Убедени сме дека новиот сопственик, моќната и стабилна Групација Сава Ре, со своето искуство и присуство на повеќе од 100 пазари на осигурување и реосигурување низ целиот свет и финансиска стабилност, дополнително ќе придонесат за натамошниот развој и јакнење на капацитетите на Друштвото, што во крајна линија е во интерес на членовите на пензиските фондови со кои управуваме.

Со излегувањето од НЛБ Групацијата и влегувањето во Групацијата Сава Ре, се отвораат поголеми можности за синергија со оглед на повисокото ниво на компатибилност на осигурителната дејност и дејноста на пензиското осигурување. Истовремено се отвора уште поголем простор за унапредување на соработката на НЛБ Групацијата и Сава РЕ Групацијата на македонскиот пазар. Во догледно време очекуваме постоечката продажна мрежа да се прошири и од досегашната достапност преку експозитурите на НЛБ Банка да бидеме достапни за нашето членство и потенцијално членство, преку продажната мрежа на Сава Осигурување.

И во иднина остануваме посветени на основните фундаменти на корпоративното управување, пред се во унапредување на професионалните стандарди, корпоративните вредности, компетенциите во управувањето со инвестициите и ризиците, обезбедувањето на фидуцијарна должност на сите нивоа, дополнително зајакнување на внатрешни контроли и ревизија. 

Со почит,

НЛБ Нов пензиски фонд АД Скопје

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, www.mapas.mk