24.1.2019
Соопштение за јавност за право на избор за членување во задолжителен пензиски фонд
Почитувани,Сава пензиско друштво а.д. Скопје ја информира јавноста за Законот за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување објавени во Службен весник бр.245 од 28.12.2018 година), согласно кои пензиското Друштво е должно да постапува почнувајќи од 01.01.2019 година:
1. На член на задолжителен пензиски фонд роден пред 1 јануари 1967, му престанува членството во задолжителен пензиски фонд на 1 јануари 2019 година. Со престанување на членството, осигуреникот останува осигурен само во тековното финансирано пензиско осигурување засновано на генерациска солидарност. Друштвото ја затвора индивидуалната сметка на членот и го пренесува вкупниот износ на средствата од сметката на овие членови во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија.
2. По исклучок на точка 1 од ова Соопштение, членот на задолжителен пензиски фонд роден пред 1 јануари 1967 година, кој пристапил во задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување по сопствен избор и станал член на задолжителен пензиски фонд (т.е. осигуреник кој бил вклучен во задолжителното пензиско и инвалидско осигурување пред 1 јануари 2003 година), има право да избере да го прекине или продолжи членството во вториот пензиски столб со писмена изјава за престанување или продолжување на членството во задолжителен пензиски фонд, најдоцна до 30 септември 2019 година. Доколку членот, во текот на траењето на овој рок не даде изјава за продолжување на членството во задолжителен пензиски фонд, по истекот на рокот му престанува членството во задолжителен пензиски фонд. На членот кој дава изјава за престанување на членството во задолжителен пензиски фонд пред 30 септември 2019 година, членството му престанува на датумот на давањето на изјавата.
3. За членовите од точка 2 од ова Соопштение, индивидуалната сметка во задолжителниот пензиски фонд останува отворена и тие средства се инвестираат на еднаков начин како и другите средства на задолжителниот пензиски фонд до датумот на давањето на изјавата за престанување на членството, односно до истекот на рокот до 30 септември 2019 година. По престанок на членството Друштвото ја затвора индивидуалната сметка на членот и го пренесува вкупниот износ на средства од сметката на членот во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија.
4. На членовите на задолжителен пензиски фонд кои до 01 Јануари 2019 година, во текот на осигурувањето се стекнале со својство на:
• осигуреник индивидуален земјоделец,
• физички лица кои се регистрирани како вршители на самостојна дејност за трговија на мало на тезги и пазари и
• осигуреници кои во текот на осигурувањето имале стаж на осигурување кој се смета со зголемено траење,
им престанува членството во задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување на 1 јануари 2019 година и Друштвото ја затвора индивидуалната сметка на членот и го пренесува вкупниот износ на средствата од сметката на членовите во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија.
5. На осигурениците кои не се опфатени со точките 1,2,3 и 4 од ова Соопштение, им продолжува членството во задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување.
Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) www.mapas.mk тел. 02 3224 229