28.1.2019
Информација во врска со ненавремена распределба на членови во вториот пензиски столб
Почитувани,Во врска со објава за ненавремена распределба на 12.000 членови во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување (Втор столб) Сава пензиско друштво а.д. Скопје може да информира за следното:
Согласно законските одредби кои важеа до 31.12.2018 година, секое лице кое за прв пат беше вработено после 1.1.2003 година, со распределба стануваше задолжителен член во вториот пензиски столб. Овие лица имаа рок од 3 месеци да изберат задолжителен пензиски фонд во кој ќе членуваат, во спротивно стануваа трајно распределени членови на задолжителниот пензиски фонд во кој Фондот на ПИОМ ги распределуваше, веднаш по првото вработување.
Процесот на распределба е законски дефиниран, при што обврските на Фондот на ПИОМ меѓу останатите се: времено распределување на осигурениците во задолжителен пензиски фонд, пренесување на придонесите на членовите на пензиските фондови на сметките на избраните пензиски фондови кај чуварот на имот, доставување податоци преку Агенцијата МАПАС на друштвата или друштвата за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови и водење потполна и ажурна евиденција за индивидуалните сметки на членовите од која се гледа состојбата на придонесите уплатени за членовите во секој пензиски фонд и др.
Друштвата за управување со пензиски фондови се само приматели на податоци за распределени членови и тие немаат евиденција за ново вработените лица за кои треба да се изврши распределба. Пензиските друштва ги добиваат информациите за распределените членови од Фондот на ПИОМ, согласно Законот во кој јасно е дефиниран начинот на распределба на истите.
Согласно информацијата која ја презентираше МТСП, 12.000 осигуреници за прв пат ќе бидат распределени во задолжителните пензиски фондови и за нив ќе се изврши уплата на задоцнетите придонеси. Овие лица претходно биле осигурени единствено во Фондот на ПИОМ.
Со последните измени на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување е воведена обврска со која Фондот на ПИОМ при ненавремен пренос на средствата и ненавремена распределба на членовите, покрај уплатениот придонес, ќе изврши уплата и на надоместок за ненавремена распределба, што значи дека овие 12.000 членови покрај уплата на пензиски придонес, ќе добијат и надоместок за ненавремена распределба, адекватен на изгубениот принос од инвестиции.
Со почит,
Сава пензиско друштво а.д. Скопје
Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) www.mapas.mk тел. 02 3224 229