13.06.2022

Д-р. Петар Талески – нов Претседател и Марија Ѓорѓиевска - нов Член на Управниот Одбор на Сава пензиско друштво а.д. Скопје

 

Петар Талески, FRM е еден од иницијаторите за основање на пензиското друштво. Со полни 17 години работно искуство во Друштвото е назначен на позицијата Претседател на Управниот Одбор на Сава пензиско друштво а.д. Скопје. На оваа позиција доаѓа од позицијата Член на Управен Одбор, а претходно бил Директор на Секторот за маркетинг и продажба и Секторот за ризици и управување со индивидуални сметки. Докторирал на тема „ Одржлива стабилизациона фискална политика“ на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, Економски Факултет , Скопје. Талески ја започна својата кариера во банкарскиот сектор каде има петгодишно искуство. Тој од 2015 година се стекнува со GARP FRM сертификат и е првиот претседател на Здружението на пензиски друштва во Р.С. Македонија.

Марија Ѓорѓиевска, CA во Сава пензиско друштво е од 2008 година, како Раководител на Сектор за сметководство, финансии и контрола. Со речиси дваесетгодишно искуство, таа доаѓа на оваа позиција со искуство во областа на сметководство, финансии, даноци, ревизија, буџетирање и контрола. Дипломирала финансиски и сметководствен менаџмент на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, Економски факултет, Скопје. Таа е овластен ревизор и сметководител и член на двата Институти на овластени ревизори и сметководители на Р.С. Македонија.

Управниот одбор на Сава пензиско друштво а.д. Скопје го сочинуваат три члена, каде покрај Талески и Ѓорѓиевска членува и Коста Ивановски, CFA кој има повеќе од 19 години професионално работно искуство на глобалниот и локален пазар на капитал. Тој  e Овластен финансиски аналитичар (Chartered financial analyst) и член на CFA Institute од Соединетите Американски Држави и Магистер по европска економија и меѓународни финансии на факултетот „Тор Вергата“ во Рим, Италија. Неговото работно искуство опфаќа сегменти на управување со средства, старателски услуги со хартии од вредност, инвестициско банкарство и управување со пензиски фондови.

Сава пензиско друштво а.д. Скопје од своето постоење се развива во одговорна компанија која работи на заштита на интересите на членовите на пензиските фондови со кои управува, гради добра корпоративна култура, ги регрутира најдобрите таленти и придонесува за нивен понатамошен развој. Преку проактивни односи со својот регулатор, имплементација на најсовремени технологии и техники на управување со средствата и ризиците на пензиските фондови, како и преку користење на сите предности на членство во Сава Осигурителна Групација, Сава пензиско друштво ад Скопје се наметнува како лидер на пазарот на пензиско осигурување.  

Сава пензиско друштво а.д. Скопје е основано во 2005 година, како прво Друштво за управување со задолжителни пензиски фондови. Денес, управува со Отворен задолжителен пензиски фонд Сава пензиски фонд и Отворен доброволен пензиски фонд Сава пензија плус, кои се дел од капитално финансираното пензиско осигурување во Р.С. Македонија.